Манастир “Св. Спас“
Манастирот “Св. Спас“ е сместен во срцето на Осоговските Планини на надморска височина од околу 1000 м. Опкружен е со дабова и букова шума. Се чини скриен меѓу дрвјата, но од него се простира таква глетка, која е вредна за восхит. Вистинска панорама.
Според кажувањата на најстарите жители од овој крај, првите податоци за манастирот потекнуваат некаде околу 1832 год. кога на ова место постоела некаква скромна градба во вид на црква, каде што месното население вршело верски обреди.
По стотина години, кога бројот на жителите почнал драстично да се зголемува, било одлучено на истото место да се изгради манастир и истиот се градел во периодот од 1930 до1935 год. Според црковните записи манастирот бил осветен од владика од Скопје со два попа и го добил името “Св. Спас“.
Изграден од слаб материјал, по 70 год. манастирот почнал да се распаѓа. На 26. 02. 2001 год. е донесена одлука тој да се возобнови. Градежните зафати започнале на 09.05.2001 год.
Денес манастирот е потполно изменет т.е. проширен. Но се уште е потребно негово надворешно и внатрешно доуредување. Се размислува за изградба и на конак со што интересот за него би бил уште поголем.
Живописната местоположба е причина овој манастир се повеќе да се посетува. Некои го посетуваат од верски обреди, други овде наоѓаат духовен мир, трети како планинари, туристи и други добронамерници.
Голема благодарност до сите досегашни донатори кои со своите прилози помогнаа да се возобнови манастирот. Однапред им благодариме и на оние кои ќе помогнат во понатамошното уредување.
Сите оние што се заинтересирани да приложат одредени средства, тоа можат да го направат на отворената жиро- сметка на месната заедница 210040494540119 кон Тутунска Банка а.д. Скопје.
|